Лос Анџелес Лејкерс убедливо го совлада Портланд Трејл Блејзерс со 139:106, а најголема заслуга за тоа секако има Леброн Џејмс. Откако еден ден претходно го прослави својот 37-ми роденден, Леброн беше незапирлив.

Тој на крајот го заврши натпреварот со 43 поени, што е негов најдобар учинок оваа сезона. Тој исто така забележа 14 скока, подели четири асистенции, а имаше и две украдени топки и блокади. Погоди 16/26 од игра, а тројка 5/10.

Нов трипл-дабл учинок оствари неговиот соиграч Расел Вестбрук со 15 поени, 13 скока и 12 асистенции, а да го споменеме и Малик Монк, кој постигна 18 поени. Најдобар кај Портланд беше Бен Меклмор со 28 поени, а Демијан Лилард постигна 10 помалку.

Во другите натпревари, Бостон Селтикс на домашен терен го победија Феникс Санс со 123-108. Санс имаа најдобар сооднос во лигата до овој меч со Голден Стејт Вориорс. Бостон го предводеа Џејлен Браун и Маркус Смарт со по 24 поени, додека на другата страна Девин Букер постигна 22. Првиот трипл-дабл во кариерата кај Селтикс го имаше Роберт Вилијамс со 10 поени и асистенција и 11 скока.

Чикаго Булс го совлада Индијана Пејсерс со 108:106 со тројката на Демар Дерозан под звукот на сирената. Дерозан беше најдобар со 28 поени, а Карис Леверт постигна еден помалку за Индијана.