Поранешниот шеф на Ферари, Жан Тод, откри дека одбил Аиртон Сена да му се приклучи на италијанскиот тим во 1994 година, а Бразилецот потпишал за Вилијамс во чиј болид погина.
Аиртон Сена во Ферари? Сензационалниот трансфер за малку ќе се случеше во 1994 година, но беше запрен од тогашниот шеф на „црвениот автомобил“ кој сакаше да биде поштен спрема другите возачи под договор.
„Неколку недели откако пристигнав во Ферари, го запознав Аиртон Сена за време на викендот во Монца во хотелот каде што престојувавме на езерото Комо. Му понудив преселба во Ферари во 1995 година, но тој го сакаше тоа во 1994 година. Но, тогаш имавме двајца возачи под договор, Жан Алези и Герхард Бергер, па не можевме да го исполниме неговото барање, а кога Аиртон праша зошто, јас му ја објасни ситуацијата“, изјави Тод во интервју за beIN Sports.
„Тој не се откажа, ми рече дека во Формула 1 договорите не се рачунаат, но јас му одговорив дека за мене договорот мора да се почитува. Му понудивме договор за 1995 година, но за жал знаеме што се случи потоа“, додаде Тод.
Кој знае како ќе изгледаше иднината на Формула 1 доколку Тод попуштеше и потпишеше со Сена во 1994 година. Вака Бразилецот заврши во Вилијамс и почина на 1 мај 1994 година на ГП во Сан Марино на патеката Имола. Да не беше трагедијата, можеби Сена ќе дојдеше една година подоцна, бидејќи сакаа да го имаат најдобриот возач во Ферари.
По смртта на Сена, италијанскиот тим подоцна се сврте кон Михаел Шумахер, кој имаше две титули со Бенетон, а Германецот потоа испиша историја со црвениот болид и освои уште пет титули (вкупно седум во кариерата).