Резултатската криза на Вардар трае 5 натпревари со ред во Лигата на Шампионите. Следи гостување на кое ќе треба да се случи сензација за да се прекине оваа црна серија. Можеби гостувањето во Германија е во незгоден момент но црвено црните немаат избор и утревечер му гостуваат на Кил од 20:45.
Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ е реален во својата изјава пред ова гостување. Тој смета дека позитивен резултат и тоа како добро би дошол, но кога станува збор за Кил и гостување таму, ниту еден тим не е фаворит.
„Не чекаат три многу важни мечеви. Одиме во Кил, каде никој не е фаворит, но е многу важно да одиграме добро. Ако го сториме тоа влегуваме мотивирани против Загреб на гости и Е. Пелистер во Битола. Имаме проблем со екипата. Гаџа е под вироза, што значи дека одиме без среден бек. Се враќа Моралез пред се за да биде тука со екипата, да не му се создаде премногу пауза. Борко Ристовски исто така е во „аут“ има подолг период проблеми и се надеваме дека ќе ги реши. Добро би ни дошле две победи во овие три меча“ – изјави Веселин Вујовиќ.