На Светското првенство во ракомет по две одиграни кола има неверојатна статистика, а издвојуваме некои најинтересни .
Очигледна е доминацијата на европските репрезентации над повеќето репрезентации од остатокот од светот, а по натпреварите од второто коло по групи издвоивме неколку интересни работи, повеќето од групата Д. Очекувано, бидејќи таму се две силни селекции од Европа – Холандија и Шведска и две лилипутски ракометни нации – Порторико и Узбекистан.
Холанѓанките постигнаа 113 гола на два меча против аутсајдерите (Порторико 55 и Узбекистан 58), а Швеѓанките се веднаш зад нив по ефикасност на целиот турнир со 94 гола.
Скандинавките можат да се пофалат дека во моментов ја имаат најефикасната ракометарка на турнирот, Натали Хагман, која постигна 24 гола, пет со Узбекистан и 19 со Порторико. Не, тоа не е грешка, тоа е нејзин личен рекорд и никој досега не ја затресол мрежата толку пати во историјата на еден натпревар за Шведска на Светско првенство.
Чудни резултати имаше и во другите групи, а да напоменеме дека по две кола најмалку голови имаат иранските ракометарки кои се во групата Ц и досега постигнаа 20 гола. Загубија од Романките 39:11, а потоа од Норвежанките 41:9. Азиските претставници на секој од тие натпревари постигнаа само три гола во првото полувреме.
Ќе има уште чудни бројки, па првенството само што започна!