Македонија го освои златото во женска конкурнеција во ракомет, откако селекцијата до 17 години славеше над Исланд со 26:27 и заврши како прва на ЕХФ Шампионатот кој се одржа во Литванија, со што се обезбеди и место на кадетското Европско првенство кое следи.
Натпреварот почна крајно изедначено и се играше претежно гол за гол. Исланд и Македонија цела средба беа блиску, беше 6-6, па 8-8, додека на паузата се замина исто така со изедначен резултат – 12-12. На стартот на вториот дел Исланд го зададе првиот удар, дојде до „плус два“ (15-13), меѓутоа Македонија не се предаде, па со два гола на Дукоска изедначи на 16-16.
Во добар ритам бранеше и голманката Марија Јовановска, која во два наврати спречи Исланд да ја врати позитивата која ја имаше претходно. Израмнетото надигрување продолжи и понатаму, беше 19-19 на десет минути пред крајот, а Македонија за првпат по долго време поведе, кога топката во мрежата на ривалот ја смести Дукоска (19-20).
Тоа беше знак за тајм-аут на селекторот на Исланд, ама противникот избрза, не ги послуша советите и направи техничка грешка. Тоа го казни Дукоска со нов гол (19-21), за највисока предност на Македонија во мечот, потоа беше и 20-22, на пет минути пред крајот резултатот гласеше 22-24 за нашиот национален тим, а откако Исланд погреши во еден напад, Македонија на две минути доби напад за предност од три гола и дојде до неа (23-26), благодарение на ефикасноста на Дукоска. Оваа позитива беше доволна за мирен финиш и голема победа.
Феноменална партија во финалето имаше Теодора Дукоска со 11 гола од 14 обида, пред Ризоска со седум и Коцева со пет. Младеновска додаде уште три гола. Кај Исланд, Агустсдотир, Елиасдотир и Торкелсдотир имаа по четири реализации.