Шпанките ги победија Германките, а Данките ги минаа Бразилките
Откако Данска го совлада Бразил со 30-25 и се пласираше во полуфиналето на Светското ракометно првенство во Шпанија, истото успеа да го направи и домашната селекција која ја совлада селекцијата на Германија со 26-21 (14-10).
Германките одлично го отворија натпреварот и поведоа со 4-0, а до половина од првиот дел имаа четири гола предност (7-3). Но, до крајот на првото полувреме, Шпанките постигнаа 11 гола, а Германките само три.
Во вториот дел Германија заостануваше само два гола (19-17), но шпанските ракометарки со серија од 4-0 отидоа на +6 (23-17) и го решија прашањето за победникот.
Домашниот тим со седум гола го предводеше Кармен Кампос Коста, а четири постигна Паула Аркос Поведа. Јулија Мајдхоф беше најдобра во германската репрезентација со шест гола.
Освојувачите на сребрениот медал од последното Светско првенство во полуфиналето ги чекаат победниците од дуелот меѓу Норвешка и Русија кој е закажан за в среда (17.30 ч.).
Ракометарките на Данска станаа првите полуфиналисти на Светското првенство во Шпанија, откако во вторникот во Гранољерс ја совладаа репрезентацијата на Бразил со 30-25 (14-13).
Кај победничките најдобри беа Лаерке Педерсен со шест гола и Симоне Педерсен со пет гола. Најефикасна на натпреварот беше бразилската репрезентативка Адријана Кардосо со 10 голови.
По деветти пат во историјата, Данска се пласираше во полуфиналето на Светското првенство, а за првпат по 2013 година кога данските ракометарки освоија бронзен медал. На истото првенство Бразилките станаа светски шампионки, победувајќи ја репрезентацијата на Данска во полуфиналето.
Данска во полуфиналето ќе игра против подобрата репрезентација од натпреварот меѓу Франција и Шведска, кој е закажан за во среда од 20:30 часот .