УЕФА и КОНМЕБОЛ веќе имаат голема соработка, па за 1 јуни идната година на „Вембли“ го воведоа Суперкупот со пресметката на европскиот и јужноамериканскиот првак, Италија – Аргентина, а соработка има на сите нивоа од младински категории, женски фудбал до размена на судии, па влекувањето на Јужноамериканците, пред сѐ Бразил, Аргентина и Уругвај, како бивши светски шампиони треба да донесе дополнителен шмек на Лигата на нации и многу повеќе пари од ТВ-преносите и спонзорските договори.
Сето ова е контра-ударот кон ФИФА, која веќе го заговара проектот за Светско првенство на две години.
„Ова е последно издание на Лигата на нации во ваков формат. Имавме состанок со КОНМЕБОЛ (Јужна Америка – н.з.) и од 2024 година, селекциите од овој континент треба да влезат во Лигата на нации. Каков ќе биде форматот? Сѐ уште разговараме за тоа, зашто треба да се усогласи календарот, а за репрезентации има малку термини“, вели Боњек.
Според некој план што Боњек го претставил, најдобрите шест селекции од Јужна Америка, Аргентина, Бразил, Уругвај, Колумбија, Чиле и Перу би блегле во елитната А-дивизија, додека останатите четири, Боливија, Еквадор, Венецуела и Парагвај би биле во Б-дивизијата.
Но, сето ова ќе значи дека оваа трета сезона ќе донесе радикални промени околу испаѓањето, па ќе има сериозни поместувања, а со тоа веројатно и од нашата Ц-дивизија би испаѓале повеќе селекции за да се допомплетира најслабата Д-дивизија во која сега има само седум селекции поделени во една група со четири и една со три репрезентации.
Но, за ова УЕФА допрва ќе треба да се произнесе и да објави каков би бил форматот, а засега од Нион немаат одлука ни дали од третата сезона ќе се обезбедуваат пласмани на Еуро 2024 во Германија, како што беше случај со првата сезона преку која Макеоднија стигна до деби на големата сцена.
Тоа што посебно се потенцира е дека УЕФА и КОНМЕБОЛ со оваа идеја не само што сакаат да го урнат проектот на ФИФА за Светско на две години, туку да издејствуваат глобална Лига на нации на светско ниво, нешто што како опција Б веќе постои во светската организација, како не помине идејата за најголемиот светски фудбалски настан на секои 24 месеци.
До сега сме играле еднаш со Јужноамерикански тим а тоа е репрезентацијата на Еквадор и запишавме победа 2:1 во пријателски натпревар одигран 2006 година. Стрелци на головите за Македонија беа Горан Мазнов и Игор Митревски од пенал.