Изминативе месеци се крена голема прашина околу тоа дали Новак Ѓоковиќ ќе настапи на Отвореното првенство на Австралија.
Српскиот тенисер не сака јавно да открие дали е вакциниран или не, а според властите во Викторија, од први јануари 2022 година сите учесници на какви било турнири ќе мора да бидат вакцинирани.
Но, директорот на Отвореното првенство на Австралија, Крег Тајли, во изјава за локалните медиуми кажа дека за мал дел од најдобрите светски тенисери би било дозволено да се направи исклучок и тие без примена вакцина да настапуваат на првиот гренслем во годината.
„Ако Новак се појави на Отвореното првенство на Австралија, тој тогаш мора да има примено вакцина или за него ќе биде направена медицинска отстапка.
Негов е изборот за тоа дали ќе се вакцинира или не и тоа дали ќе го каже јавно, а ние нема да го тераме да го стори тоа.
Голема е веројатноста да го видиме Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Австралија, како и мал дел од останатите тенисери за кои би се направила медицинската отстапка, но никој не може да каже со сигурност што точно ќе се случи“, изјави Тајли.
Првиот гренслем во годината започнува на 17 јануари, на терените во Мелбурн, а Новак ќе ја напаѓа рекордната 21-ва титула во најголемите турнири во светот на тенисот.