Уште лоши вести за францускиот селектор Гијом Жил. На тестирањето пред почетокот на втората фаза од подготовките, тој остана без дел од играчите .

Француската ракометна репрезентација вчера започна со нова фаза од подготовките за претстојното Европско првенство, но проблемите се наталожуваат и Гијом Жил нема да може да ги оствари зацртаните цели во овој дел од подготовките.

Имено, на тестот што беше направен вчера, уште пет играчи биле позитивни на коронавирус, што значи дека вкупно осуммина од нив се во изолација.

Во пресрет на Божиќ, Никола Карабатиќ, Беноа Кункуд и Јанис Лен беа позитивни, а сега позитивни се и Реми Дезбоне, Елохим Пранди, Хуго Дескат, Ајмерик Мине и Дилан Нахи.

Жил пред неколку дена дозна дека нема да може да смета на Недим Ремили, кој заработи многу непријатна повреда и моментално има само 13 играчи на тренинзи, од кои тројца се приклучија подоцна (Бриет, Бос, Пардин) за да може да работи.

Сите заразени играчи мора да чекаат негативен тест по Нова година за да можат да се приклучат.