Рафаел Надал на најдобар можен начин ја започна новата сезона освојувајќи ја својата 89-та титула во кариерата на АТП летниот сет во Мелбурн. Во финалето во Род Лејвер Арената го победи 24-годишниот американски квалификант Максим Креси (АТП – 112) со 7:6 (6), 6:3.
Надал (АТП – 6.) не можеше да посака подобра најава за својот настап на Австралија Опен, кој ќе започне во Мелбурн Парк на 17 јануари, каде што најдобриот шпански тенисер на сите времиња ќе се обиде да го освои рекордниот 21. Грен слем трофеј во кариерата.
Креси имаше сет-топка (6:5) со сервис во тај-брејкот од првиот сет од првото финале во кариерата, но загуби три поени во низа. Во вториот сет Американецот имаше ран брејк (2:1), но веднаш ја загуби предноста што ја стекна и освои само уште еден гем до крајот на мечот.