Ракометната федерација на Македонија (РФМ) го усвои предлогот за премија на машката ракометна репрезентација, во случај да ја исполни посакуваната цел – пласман во вториот круг.
Репрезентацијата ќе добие 50.000 евра, ако успее да влезе меѓу најдобрите 12 на Европското првенство, информираат од РФМ. За да се случи тоа, потребно е Македонија да го освои, најмалку, второто место во групата со Данска, Словенија и со Црна Гора, а тоа, пак, претпоставува, барем, две победи. Секако, постојат математики и за второ место со нерешени исходи.
Ова би била втора ваква премија во краток период, бидејќи репрезентацијата доби 50.000 евра и за самиот пласман на ЕП. Натпреварите во Дебрецен почнуваат в четврток на 13 јануари, со Словенија.