Француските ракометари, кои со натпреварот против Хрватска во четврток го отвораат Европското првенство, се шокирани од ситуацијата во хотелот во Сегедин.
Француската репрезентација, која се подготвуваше во изолација последните две недели за да спречи потенцијална инфекција со корона, во хотелот затекна туристи без маски.
„Бевме изненадени, па дури и шокирани кога ги видовме гостите на хотелот без маски. И сепак треба да јадеме со нив“, рече Никола Карабатиќ, кој во вторникот наутро појадуваше со соиграчите и другите гости на хотелот.
Некои луѓе беа и во костими за капење. Во таква ситуација ќе ни биде тешко да избегнеме позитивни случаи и не знам дали ова е одраз на непочит кон играчите кои дадоа се од себе за да учествуваат на ова натпреварување – изјави францускиот голман Винсент Жерар. Тренерот Гијом Жил беше уште поостар и таквата организација ја нарече неприфатлива.
Француските медиуми пренесуваат дека Французите се пожалиле во ЕХФ, која ја признала грешката и ветила дека ќе ја подобри ситуацијата. Да потсетиме, многу репрезентации во пресрет на Европското првенство имаат голем број случаи на коронавирус кај играчите.
Во групата со Франција и Хрватска се и Србија и Украина.