Без разлика што остана без првите двајца голмани, селекторот, двајцата леви крила и уште неколку играчи на теренот, Холандија одигра одлична партија против Црна Гора и победи со 34:30. .
Во првиот натпревар оваа сабота силите ги одмерија две репрезентации кои се пријатни изненадувања на Европското првенство . Црна Гора во денешниот натпревар влезе со два бода на контото, додека Холандија допрва требаше да ги освои првите бодови во оваа новоформирана група.
Избраниците на Зоран Рогановиќ концентрирано влегоа во натпреварот и во нападот и во одбраната, а во тие почетни моменти од мечот се чинеше дека тоа ќе биде уште една игра во која нема да има значителна предност на оваа или онаа страна, што му одговараше на црногорскиот тим до сега.
Црногорците имаа периоди и на натпреварите со Македонија и Словенија на кои постигнуваа голови и промашуваа зицери, но во оваа втора фаза од натпреварувањето тешко е да се очекува дека противникот нема да искористи седум минути без постигнат гол.
Холандија токму таквата ситуација ја претвори во достигнување на -4, смирување и потоа преземање на водството, сето тоа пред да замине на одмор. Во таа црна дупка на црногорската игра изостанаа и одбраните на Симиќ и во продолжение се влезе со 18:16 за Холанѓаните.
Во продолжението од дуелот, кој не беше ни блиску до разрешница, и Холанѓаните и Црногорците брзо заборавија на тактичките задачи и мечот влезе во фаза на трчање, што одлично одговара на холандскиот стил.
Во тој период имаше и исклучувања, но клучни беа пред се одбраните на Ван Левен, кои холандските ракометари ги искористија за неколку последователни голови на празна мрежа, а во 47. минута стигнаа до +3. Кеј Смитс и компанијата имаа неколку одлични акции подоцна и предност од пет гола, за на крајот да слават со 34:30 .
Голманот на победничката екипа Ван Левен собра 14 одбрани, додека во нападот повторно најрасположен беше Смитс со девет гола. Толку одбрани имаше Небојша Симиќ оваа сабота, а Чепиќ и Бранко Вујовиќ постигнаа по шест гола во дресот на Црна Гора.