Барселона денеска на своите социјални мрежи објави дека францускиот стопер Самуел Умтити го продолжил договорот до 2026 година.
Умтити во клубот пристигна во летото 2016 година за 25 милиони евра. По одличната сезона, следеа големи проблеми со повредите. Тој одигра само 27 натпревари во последните две првенствени сезони, а оваа сезона одигра само 90 првенствени минути, против Осасуна во средината на декември.
Веста дека го продолжи договорот ја изненади фудбалската јавност, бидејќи Барселона последните две сезони се обидуваше да му најде купувач на Французинот, но не успеа. Неговата вредност во летото 2018 година, според Трансфермаркт, била околу 70 милиони евра, а денеска паднала на „мизерни“ два милиони евра.
Сепак, Барселона имаше голема корист од неговиот потпис денес. Имено, Умтити се согласил на значително намалување на платата која изнесувала околу 15 милиони евра годишно. Со тоа на Барселона ќе и заштеди огромна сума на пари за година и пол, колку што и остана со стариот договор, со оглед на тоа што намалувањето на платата оди веднаш.
Барселона, која е во долг од една милијарда евра и која се уште е под строга контрола на финансискиот фер-плеј на Ла Лига, ќе може да го регистрира Феран Торес, кој пристигна од Сити за 55 милиони евра.
“Францускиот дефанзивец се согласи да намали дел од платата во следните 18 месеци според стариот одговор. Сакаме јавно да му се заблагодариме за лојалноста и љубовта кон Барселона. Поради ова имаме повеќе простор во фер-плејот и можеме регистрираме Феран Торес“, се вели во соопштението на клубот. Според некои извори, Умтити се согласил на намалување на договорот за дури 20%. Ова му заштеди на клубот потенцијални три милиони евра годишно.