Дури петмина ракометари од таборот на Кире Лазаров добиле позитивни резултати. Од Ракометната федерација на Македонија (РФМ) не ги соопштуваат имињата, ниту кој би добил шанса како алтернатива, само велат дека тие петмина се ракометари кои биле планирани меѓу патниците за Дебрецен.
Неофицијално, Лазаров најави дека размислува да земе 20 ракометари за Дебрецен, но истакна и дека се ќе зависи од состојбата на играчите, па поради тоа апелираше дека треба да бидат на готовс и ракометарите од поширокиот список.
Во текот на утрешниот ден се очекува да се знае точната листа на патници, со оглед дека утре, претпладне Македонија го има последниот тренинг во Скопје, пра да полета кон Дебрецен во 14.15 часот. Излезе дека репрезентациите кои рано имаа Ковид-случаи, како Црна Гора и Србија ќе поминат полесно, бидејќи ЕХФ го намали периодот на изолација за заразените од 14 на пет дена.
Тоа значи дека македонските заразени ракометари нема да бидат достапни, барем, до 15 јануари, со што ќе ги пропуштат натпреварите со Словенија (13 јануари) и со Црна Гора (15 јануари). Можеби ќе бидеме комплетни против Данска, на 17 јануари, но објективно шансите против неа ни се минимални и со најсилната расположлива репрезентација.