Ракометарите ќе го имаат Лазаров како селектор, на клупата, но ќе недостасува како капитен. А кога тој не игра, Македонија не е истата репрезентација. Последниот натпревар на големите турнири без него беше токму против еден од нашите претстојни противници, Данска, во втората фаза на ЕП 2018 во Хрватска.
Данците тогаш нè совладаа со 31-20, само три дена откако и Шпанија нè сомле со истиот резултат во мечот кој, додуша Лазаров го почна, но се повреди уште рано. За волја на вистината, не играше ниту со Чешка (влегуваше само за да шутира седмерци), а тогаш загубивме со минимални 24-25.
Ако се вратиме наназад, Лазаров не беше дел од репрезентацијата и на ЕП 2014 во натпреварот со Шпанија и тогаш загубивме со 11 разлика, 22-33. Најтазе е споменот од гостувањето во Данска, во март 2021, кога тој исто така беше само селектор, а загубивме со 21-37.