По оној пораз, и тоа во контроверзен меч и пораз од Норвешка на стартот на Мундијалот, се разбира дека тука мислиме на судењето, оваа победа и тоа како добро ќе ни дојде во пресрет на утрешниот дуел со Грузија кој започнува во 17:30 часот. Меч кој треба да се добие, секако.
Првиот дел заврши со 12-10, но веќе во почетните 10 минути од вториот, Македонија врза серија од четири голови и само еден примен гол, за водство со 17-12 во 40. минута. Тоа беше далеку највисокото водство дотогаш на натпреварот.
Противникот се обиде да се врати, намали на минус три, но избраниците на Раде Стојановиќ беа извонредни во одбраната, поведени од брилијантниот Давид Брестовац, кој бранеше извонредно. Им овозможи нова серија од 4-0 на соиграчите, по која Македонија првпат дојде на плус седум, 24-17 во 50. минута, а на него се надоврза и Иван Галевски, кој фати пенал. Конечните плус девет беа најголема разлика на дуелот.
Ниту еден ракометар не постигна повеќе од три гола, а по три погодоци дадоа Марио Стојановски, Томислав Димковски, Славчо Шулевски, Ненад Белистојановски и Самоил Ристевски. Сепак, вистински херој беше Давид Брестовац со 13 одбрани и 46-процентна успешност, поради што беше прогласен за играч на натпреварот. Галевски придонесе со пет интервенции и еден постигнат гол.
Овој триумф е многу важен, веројатно клучен за Македонија да го освои второто место во групата во која се уште Норвешка и Грузија. Во последното коло, утре од 17.30 играме против Грузијците, но имајќи предвид дека тие загубија со 19-34 од Црна Гора, победата не би требало да биде ставена во прашање, а со тоа и пласманот во главната рунда. Таму Македонија ќе вкрсти со Австрија и со Данска, како најдобри селекции од групата Е.