Не е сеедно дали ќе играме од позиција на фаворит или, пак, ќе го немаме тој товар. Досега често пати тој психилошки фактор знаел да се покаже пресуден, па затоа ракометарите не се осудуваат да се потпрат на рејтингот на хартија.
„Мислам дека можеме да одговориме на задачите кои ни ги задава стручниот штаб. Би требало да го дадеме најдоброто од себе и со два добри меча да се пласираме во следниот бараж. Никако не би ја потценил Романија која има квалитетни играчи, а исто така и повеќе време се подготвуваше од нас за овој дуел. Сакам публиката да биде нашиот осми играч и заедно да извојуваме победа“, прокоментира Никола Митревски.
Нашиот прв репрезентативен голман две сезони ја чуваше мрежата на Доброгеа Суд или клубот кој правно ја наследи Констанца, затоа познава неколку од играчите кои вечерва ќе му шутираат. Преку истиот клуб романски конекции има и еден од помошниците на Лазаров.
„Поголемиот дел играчи кои ќе бидат во составот ги имав како противници во Романија. Дали открив некакви тајни? Не, во стручниот штаб го имаме Бранче Ангеловски кој беше таму многу подолго од мене и ги познава сите играчи. Сметам дека имаме доволно информации за нивните квалитети. Но, никако не смее да го потцениме противникот. На вакви два бараж-меча мора да се внимава. Не сакам да прогнозирам за резултати и што и како би било, затоа што противникот е квалитетен, сигурно нема да дојде кај нас со бело знаме. Плус тука е и селекторот Чави Пасквал кој работи во романска екипа и ги подготвува играчите да бидат на највисоко ниво, тоа го увидовме на натпреварите во ЛШ каде репрезентативците од неговиот тим добија поголема минутажа. Мора да бидеме претпазливи“, повторно повика Митревски.
Овој ангажман на Пасквал е втор обид, откако првиот заврши токму со елиминацијата од Македонија, во баражот за СП 2019. Овој пат има двојна улога, како тренер на Динамо Букурешт, што само говори за сериозноста на раководните лица на романскиот ракомет. Победникот од вечерашниот дуел ќе замине на реваншот во Букурешт со предност, а селекцијата која ќе го освои двомечот продолжува во второто коло, против Чешка, на 13 и 16 април.