Ракометарите на Русија беа блиску до најголемото изненадување од втората фаза на Европското првенство, но на крајот славеше селекцијата на Шпанија со резултат 26:25 (12:11).
Претходниот меч Шпанците го завршија само 20 часа порано, а во еден момент се чинеше дека не успеаја да се соземат за многу физички добро подготвениот руски тим во Братислава.
„Зборнаја“ имаше водство од четири гола разлика (22:18) на 15 минути пред крајот, но не вредеше.
„Црвената фурија“ фуриозно го заврши натпреварот, но имаше среќа во последните секунди.
Се играше крајот, но судиите со асистенција на ВАР одлучија дека тоа ќе биде седмерец за Русите , по стартот на Фернандез врз Шишкарев . Наместо гол за израмнување, Сорока ја погоди стативата и Шпанија дојде на чекор до полуфиналето.
Најефикасен на овој натпревар беше Шпанецот Касадо со седум гола, додека Санталов постигна шест во рускиот тим.
Шпанија го задржа максималниот учинок и на преостанатите два меча ќе и биде доволен само еден бод да обезбеди место меѓу четирите најдобри репрезентации.
Русија, од друга страна, сè уште има шанси да дојде до тој потфат.