Ракометарите на Металург забележаа голема победа на гостувањето кај Пролет со 31:29 после големо надигрување и 60 минути резултатска тензија што е резултат од кој покрај „металурзите“ ќе биде примен со радост и кај уште неколку други екипи.
На сите проблеми во последните денови при што ракометарите неколку дена и не тренираа, Марковски не можеше да смета денеска покрај на Бобан Каковски и на Португалецот Рибеиро, па натпреварот мораше да го одигра и без лево крило. На оваа позиција настапуваа главно пивотите кои се менува, а таа игра со два пивоти даваше резултат.
Пролет лесно реализираше со играч или два повеќе, но тешко се снаоѓаше при игра 6 на 6. Во таква комбинација Металург излегуваше како победник и после 10:10 успеа одново да направи предност од три гола и на одмор да замине со 16:13.
Вториот дел продолжи со мирна игра. Гостите мораше да ги штедат силите бидејќи немаа измени. Имаа само 12 играчи од кои двајца беа голмани кои не добиваа шанса, исто како и младиот Субашевски, додека Рибеиро не беше во можност да настапи и само беше на клупата. Оттаму во второто полувреме беше одиграно со една постава и мораше да се одработи најдобро што може.
Разликата се движеше од еден до три гола, но како се ближеше крајот така стануваше сè поинтересно. Пролет стигна до 26:27 на пет минути до крај, но тогаш следуваше грешка и Петковски беше сигурен во контра и го совлада голманот на домашните кој го носи истото презиме.
На нешто повеќе од две минути Металург остана без Лазаревски кој мораше на трибини поради трето исклучување. Домашните намалија на 28:29 со удар од седум метри. Сепак, 40 секунди подоцна силите беа израмнети откако Џонов стартуваше грубо над Хорват. Озтурк погоди за 30:28, а Пецаковски намали на гол. Сепак, на девет секунди до крајот Металург доби пенал, кој репрезентативецот на Турција го искористи за победа на Металург и големи три бода на гостувањето во „Македонско сонце“.