Кадетската репрезентација на Македонија со триумфот над Данска обезбедија опстанок во друштвото на најдобрите европски селекции.
Жолто-црвените ќе играат за пласман од 9. до 12. место на континенталниот собир, но што е најважно избегнаа да се најдат во друштво на најзагрозените четири селекции, кои до крајот на шампионатот ќе пробаат да ги избегнат трите последни места кои водат во дивизијата Б. Избраниците на селекторот Андреј Апостолски-Лечиќ почнаа силно и брзо дојдоа до двоцифрена предност (16-6).Клучната разлика ја направивме во финишот од првото полувреме, кога со серија 13-1 дојдовме до плус 18 (49-31), кои ни гарантираа мирен втор период. Македонските таленти точка на средбата ставија со тројката набрзо по стартот на третата четвртина, со која дојдовме до највисоката предност од 23 поени (59-36), со што ги урнавме сите надежи на противникот за некаков пресврт.
Никола Јаничиќ беше убедливо најдобриот поединец кај нашите кадети со 20 поени, , одлични беа Димитар Зетов со 15 поени и Марко Луканоски со 10 поени и 14 скока, а за одбележување е и настапот на Стефан Стојковиќ со девет поени.
Наш следен противник во борбата за што подобар пласман на ЕП ќе биде подобриот од вечерашниот меч помеѓу Србија и Летонија (21 часот). Мечот ќе се одигра задутре со почеток во 18.45 часот во салата СРЦ „Кале“.