Македонија ја забележа втората победа во квалификациите за ЕП 2024, откако славеше на жешкиот терен потив Турција со убедливи девет гола, 36-27. Оваа победа значи дека со една нога сме на континенталниот собир и со Португалија ќе се тркаме за првото место во групата што можеби ќе ни го донесе и првиот шешир пред ждрепката за групите.
Можеби и по малку неочекувано, но сосема заслужено нашата селекција поведе по 13 минути игра со 9-0! Предводени од Никола Митревски на голот, Талески, Пешевски, Серафимов…погодуваа во нападот и ги казнуваа сите грешки на ривалот. Одигравме одлично, и токму тие почетни минути беа клучни.
Потоа Томовски фати пенал, а Турците го постигнаа првиот гол дури во 14. минута преку Каракоч, a потоа уште еднаш стрелаше истиот играч за 9-2. Талески зголеми на 10-2, а потоа и Манасков беше прецизен за 11-3.
Во моментите кога имавме двајца играчи помалку на теренот, Турција успеа да врзе два гола и да намали на 12-6, но Манасков веднаш зголеми на 13-6. По 14-7, следуваше уште една наша серија за 17-7 и веќе беше јасно каков меч ќе гледаме до крајот.
На стартот на второто полувреме Турците преку Озтурк и Канбероглу врзаа два гола за 17-10, но и ние вративме преку Маркоски и Пешевски за 19-10. Георгиевски со првиот гол за првпат донесе плус десет за Македонија, 24-14, па тоа како да ги опушти нашите ракометари.
Турција направи серија и успеа да намали на 26-20, па Кире Лазаров мораше да бара тајм-аут. Талески погоди за 27-20, а Томовски им спречи зицер ситуација на домашните. Нашите ракометари заиграа поцврство во одбраната и ја вратија предноста од полувремето, 29-20.
Но Турците не се откажуваа од бркање на негативата, па Озтурк и Каракоч пак спуштија на минус шест, 30-24. Сепак до крајот немаше дилеми околу победникот, а во финишот играа Атанасијевиќ, Петров, Ѓоргиев…кои успеаја рутински да го довршат мечот.
Талески со седум гола беше најдобар стрелец на теренот, пет постигна Манасков, а Јагуриновски стрелаше четири пати. По три пати погодија Пешевски, Георгиевски и Ѓоргиев, а по два гола дадоа Маркоски, Џонов, Атанасијевиќ и Серафимов, додека еднаш погоди Костески. Митревски имаше седум, а Томовски шест одбрани. Во турската селекција се истакна Каракоч со седум гола.
Следните квалификациски дуели за ЕП, Македонија ќе ги игра во март 2023 година против селекцијата на Португалија.