Фудбалерите на Реал ја совладаа Барселона во Мадрид со резултат 3:1, во 250. „Ел Класико“ во рамките на деветтото коло од Ла Лига.
Ова беше пресметка на единствените две непоразени екипи во Шпанија, а 101. триумф во официјалните меѓусебни натпревари за „кралскиот клуб“.
Барселона одамна нема создадено толку малку шанси на големо дерби, додека Реал безмилосно ги користеше вистинските.
Се чинеше дека головите на Карим Бензема во 12. минута и на Федерико Валверде во 35. минута ќе бидат единствените голови на натпреварот.
Сепак, со влегувањето на Ансу Фати во финишот се разигра Барселона, а по еден обид младиот крилен напаѓач беше најзаслужен за голот на уште еден резервист Феран Торес во 83. минута.
Гостите се надеваа дека можеби ќе стигнат до бод, Фати набрзо имаше нов акробатски обид, но точка на овој меч стави Родриго од пенал во првата минута од судиското надополнување.
Реал е осамен на врвот на табелата со 25 бодови, три повеќе од Барселона и шест од Атлетико и Сосиедад.
Почетокот на натпреварот беше динамичен, но релативно мирен, а првата шанса ја имаше Винисиус, чиј удар помина покрај стативата.
Бразилецот беше еден од актерите во водечкиот гол на Реал во 12. минута. Токму тој беше проигран од Тони Крос во празниот простор, но поуспешен беше Тер Штеген.
За жал на Германецот, топката се одби до Бензема, кој беше немилосрден, а Барса првпат капитулираше по 636 минути во првенството.
Голема шанса потоа имаше Левандовски, кој при паѓање шутираше преку гредата од одлична ситуација. Подоцна во забавена снимка се виде дека Полјакот е во офсајд.
Иако Барса беше подобра во тие моменти, Реал успеа да го удвои водството преку Федерико Валверде во 35. минута.
Можеби главен виновник за примениот гол е Ерик Гарсија, кој погреши при додавањето, Винисуис проигра до Чуамени, кој го најде Менди,а овој Валверде, кој упати неодбранлив удар по земја од дваесетина метри.
По петнаесетминутната пауза гостите се обидуваа да ја намалат негативата преку Левандовски и Де Јонг, но тоа дефинитивно не беа шанси кои можеа да го загрозат Лунин.
Барса очекувано во продолжение имаше посед, а Реал позициониран се обидуваше да му наштети на големиот ривал од транзиција и контранапади.
Реал делуваше смирено, тактички совршено, позрело во споредба со Барселона, која беше нервозна и растргната од самиот почеток.
Бензема во 52. минута постигна уште еден гол, многу убав, со левата нога од далечина, но пред тоа беше во офсајд при долгата топка на Винисиус.
Чави направи тројна измена со воведувањето на Алба, Гави и Феран Торес , но и тоа не помогна многу.
Набрзо на теренот го испрати Ансу Фати, кој во 78. минута убаво шутираше, но топката помина покрај голот на Лунин.
Најзаслужен за голот на Барселона беше Фати во 83. минута. Направи фантастично додавање по левата страна, ја смести топката во шеснаесетникот, од каде Левандовски ја закачи топката, доволно за да стигне до Феран Торес на втората статива, кој не му беше тешко да ја испрати во мрежата на Лунин.
Набрзо Фати имаше уште еден акробатски обид, Барса бркаше израмнување, но наместо тоа, Реал го потврди триумфот во судиското надополнување, преку Родриго од белата точка.
https://www.youtube.com/watch?v=Hggxsc7oehI
Во следното коло Реал гостува кај Елче, додека Барселона го пречекува Виљареал.