Ракометната репрезентација на Германија триумфира против Исланд со 26-24 во втората фаза од Европското првенство (ЕП).
Исланд го отвори натпреварот одлично и водеше со 5-3, но Германија го засили темпото и набрзо направи пресврт со кој замина на полувреме (11-10).
Вториот дел започна со тврда и израмнета игра. Двете одбрани беа гранитни, а Исланд немаше намера лесно да се откаже од шансата за триумф против домаќинот на ЕП. „Рибарите“ не се предаваа и имаа само гол негатива во последните две минути, а во тие моменти на голот на Германија брилираше Андреас Волф, кој одбрани два седмерци во серија. Домашниот тим влезе со минимална предност во последните шеесет секунди и успеа да постигне уште еден гол, по што веќе беше јасно дека победата е осигурана. Конечниот резултат на крајот гласеше 26-24.
Најефикасен во редовите на Германија беше Кнор со шест голови, исто колку и Смарасон во редовите на Исланд. „Панцерите“ со оваа победа стигнаа до првите два бода во групата 1 од главната фаза на Европското првенство.