Словенија продолжи со спектакуларни игри на ракометниот турнир на Олимпијадата во Париз и успеа да ја елиминира Норвешка во четвртфиналето, откако победи со 33-28 и се пласира во полуфиналето. Ова е најголем успех на словенечкиот ракомет на Олимписките игри и ракометарите на Урош Зорман се на само една победа од медал.

Словенците одиграа одличен натпревар, имаа водство во најголем дел од натпреварот, а во првите триесет минути успеаја да создадат предност од четири гола разлика (12-16). Бомбач „диригираше“, Фермин на голот блескаше, а Блаж Јанц пак беше лидер во реализацијата и асистенции.  Бомбач доби директен црвен картон, заради удар со топка во главата на противничкиот голман и се чинеше дека Словенците ќе влезат во проблем. Но, тогаш на сцена стапи Миха Зарабец и заедно со Јанц и дефанзивниот „џин“ Мачковшек ја одржуваше разликата.

Норвешка се трудеше да дојде до целосен „кам-бек“, но Урбан Лесјак оствари важна интервенција, а Блаж Јанц постигна гол за водство од 26-23. Маестрална партија одигра Алекс Влах и беше вистински лидер на својот тим, а му се приклучи и Зарабец.

Словенците продолжија со одлична игра и на крајот го заокружија триумфот со 33-28 и се пласираа во прво историско полуфинале на ОИ, каде ќе се судрат со силната Данска на Микел Хансен. Единствениот ракометар од македонската Суперлига на опимпискиот турнир, Нејц Цехте, не доби шанса за настап.

Најефикасен играч на натпреварот беше Алекс Влах со единаесет голови, Блаж Јанц постигна девет, додека кај Норвешка прво име беше Александер Блонц со седум голови. Во второто полуфинале в петок ќе се сретнат Шпанија и Германија. Големото финале е в недела попладне.

ФОТО/PHOTO: © IHF