Избраниците на Раде Стојановиќ го потврдија својот квалитет против Австрија, совладувајќи ја со 29-22 за два бода во групата од главната фаза, кои се доволни за третото место, пред Австрија, а зад Норвешка и Данска.
Според системот на натпреварување, третопласираните репрезентации од четирите групи во главната фаза ќе се сретнат меѓу себе во разигрување за пласман од 9. до 12. место. Во своевидното полуфинале, Македонија ќе се судри најверојатно со Унгарија, в четврток, а потоа со евентуална победа ќе оди на подобриот од Чешка – Иран/Германија во борба за 9. место.
Изедначено беше само првите 10 минути од мечот, кога се играше гол за гол, но потоа дојде на сцена гранитната одбрана, која осум минути не прими гол. Тоа беше основа за една серија од 3-0, за потоа полувремето да го завршиме со уште една низа со 5-0.
Вториот дел почна со 14-8 за Македонија, па нашите надежи само ја одржаа предноста со оптимално комбинирање на силите на теренот. Мирче Калајџиески со своите шест гола беше прогласен за играч на натпреварот, а шест постигна и Ненад Белистојановски. Пет постигна Давид Димевски, а Давид Брестовац запиша шест одбрани.