Ерлинг Халанд го постигна водечкиот гол на Борусија Дортмунд во саботата во победата на гости кај Хофенхајм со 3:2, но норвешкиот напаѓач поради повреда го заврши натпреварот во 63. минута, држејќи се за препоните.
По натпреварот тој на норвешки новинар му кажа дека е добро, но клубот не сакаше да брза со проценките за тежината на повредата на најефикасниот напаѓач на светот.
Добрата вест за Дортмунд е што следниот викенд ќе има пауза во Бундеслигата, па следниот натпревар е дури на 6 февруари против Баер Леверкузен, што е доволно време за повредата да се залечи доколку е полесна. Но, самиот факт дека Халанд повторно се повреди е веќе малку загрижувачки.
Тој веќе пропушти 10 натпревари оваа сезона – три поради проблеми со мускулите и седум поради колковите – и веќе се израмни со бројот на пропуштени натпревари поради различни повреди минатата сезона. Од пристигнувањето во Борусија пред две години, тој отсуствува на 22 натпревари, што несомнено предизвикува сомнеж дека е склон на повреди.
И во следните неколку месеци, еден од европските великани ќе и плати на Борусија 75 милиони евра како компензација за 21-годишниот играч и ќе се обврзе на огромна плата и бонуси во следните неколку години. Навивачите на Реал и Барселона веќе изразуваат загриженост на социјалните мрежи и ја доведуваат во прашање исплатливоста на ваквата инвестиција доколку постои опасност главната ѕвезда на клубот да не биде толку често достапна.