Костадинов во интервју за полскиот медиум Весло кажа дека настапот со Македонија на Европското првенство (ЕП) за него е неверојатно искуство.
„Тоа беше неверојатно. Ние сме мала земја во споредба со останатите европски држави. Ни беше чест и горди сме што успеавме да постигнеме такво нешто со Македонија. Имавме добар состав и заслуживме место меѓу најдобрите“, кажа Костадинов.
Македонскиот фудбалер откри и што се случувало пред решавачкиот меч во Тбилиси против Грузија, по кој Македонија го обезбеди настапот на ЕП.
„Ако загубевме ќе беше големо разочарување. Посебно за Горан Пандев, кој е одличен фудбалер, најдобар играч во историјата на нашата земја. За него тој натпревар беше голем настан, на крајот на краиштата, на крајот од кариерата можеше да игра на голем турнир со Македонија.
Пред напреварот ни одржа трогателен говор. Тој рече дека да може ќе се откаже од титулите во Лигата на шампионите и од сите медали за да оди со Македонија на шампионатот. Дека е многу среќен што е тука со нас и што може да се бори за тоа. Зборуваше околу пет минути, а во еден момент ги погледнав колегите и видов дека 17 или 18 плачат, не можеа да ги задржат солзите. Излеговме на теренот со таков став како да е невозможно да се загуби овој натпревар.”
Костадинов зборуваше и за шансите да се пласираат на Светското првенство (СП) во Катар, но знае дека тоа нема да биде лесно.
„Мора да играме против Италија во Палермо, но… Можеме да ги исплашиме. Ова е фудбал, имаме одлични поединци во екипата, па зошто да не ги изненадиме? Знаеме дека тие се фаворити, но јас верувам во чуда, па можеби едно такво ќе ни се случи и на нас“, вели Костадинов.
На прашањето дали според него Елиф Елмас е најдобар македонски фудбалер во моментов, Тихо одговори дипломатски:
“Имаме многу добри играчи како Барди и Аријан Адеми. Но, се согласувам дека тој е ѕвезда. Впрочем, тој е многу млад и игра за Наполи.”