Шкотскиот репрезентативец, Скот Мектоминеј, е херојот во таборот на Манчестер Јунајтед, откако од резервист кој влезе десетина минути пред крајот го постигна победничкиот гол во пресметката со Омонија (1-0) и тоа во третата минута од судиското продолжение на крајот од средбата.
„Ѓаволите“ имаа огромен број шанси и упатија дури 34 удари кон противничката мрежа, од кои третина завршија во рамките на голот, но дури пред последниот свиреж на судијата успеаја да дојдат до целта. За малку јунак на вечерта ќе беше 23-годишниот Френсис Узохо, вториот голман на гостите, кој бранеше фантастично, но не издржа до крајот. Тренерот Ерик Тен Хаг настапи со речиси најсилниот состав и со Кристијано Роналдо во врвот од нападот, но ниту тоа не им ја олесни задачата на црвените (голот ТУКА).
Црвена звезда е се подалеку од европска пролет, со оглед што сега е последна на табелата во групата Х со три бодови по вечерашниот пораз на гостувањето кај Ференцварош (1-2). Закариасен во 23. минут ги доведе Унгарците во водство, Стеван Митровиќ изедначи во 55. минута, но надежта на црвено-белите барем за еден бод траеше само шест минути по кои дојде победничкиот погодок на Мае.
Лацио како фаворит влезе во дуелот со Штурм, но две минути по водечкиот гол на Имобиле во 45. минута остана со играч помалку по вториот жолт картон на Лазари. Тоа го искористија Австријците, кои во 56. минута првпат изедначија. Педро во 71. минута донесе ново водство на римјаните, но Бовинг со вториот гол во 83. минута го донесе конечниот епилог. Со ова групата Ф стана најнеизвесна во Лига Европа, со оглед што сите четири екипи имаат по пет бода. Освен Лацио и Штурм, тука се и Феенорд и Митјиланд (головите ТУКА).
Трабзонспорт на нашиот Енис Барди го декласира Монако (4-0), додека стрелец на третиот погодок беше нашиот фудбалер од ептен интелигентно изведен слободен удар (головите ТУКА).
ОСТАНАТИ РЕЗУЛТАТИ (ВЕЧЕРЕН ТЕРМИН): Лудогорец-Хелсинки 2-0, ПСВ-Цирих 5-0, Реал Сосиедад-Шериф 3-0, Трабзон-Монако 4-0, Унион Берлин-Малме 1-0.