Денеска на програмата на Светското првенство во Катар се преостанатите две четвртфинални средби, Португалија против Мароко и европската класика меѓу Англија и Франција.
По вчерашниот ден на Мундијалот во Катар познато е дека Хрватска и Аргентина ќе играат во првото полуфинале, а денеска ќе биде формирана и втората полуфинална двојка.
Португалија и Мароко ќе ја стартуваат својата борба за пласман меѓу четирите најдобри. Португалците се фаворити во овој дуел, но Мароканците на овој Мундијал покжаа дека се сериозен противник. Својата кулминација ја доживеаа на мечот против Шпанија кога го исфрлија големиот фаворит.
Мароко игра тактички зрел фудбал, се брани дисциплинирано и е опасен во контра напади. Ашраф Хакими кој е една од главните ѕвезди во мароканскиот тим се жали на повреда и неговиот настап е под знак прашалник. Но со оглед на важноста на овој историски дуел за нив, веројатно ќе стисне заби и ќе излезе на теренот.
Интересно ќе биде да се види дали Кристијано Роналдо ќе се врати во стартниот тим на Португалија или и овој меч ќе го почне од клупата. Неговата замена Рамош блесна на мечот со Швајцарија, постигна хет-трик, а тоа треба да биде доволно селекторот Фернандо Сантош да одлучи со него да стартува и против Мароко. Сепак името на Роналдо е преголемо, па дилемата ќе биде присутна додека не биде соопштен официјалниот состав.
Овој дуел е во сенка на тоа што ќе се случува од 20 часот кога во европското класико ќе се сретнат Англија и Франција. Според вредноста на фудбалерите на двете репрезентации, тоа ќе биде највредниот дуел во историјата на спортот воопшто, речиси 3 милијарди евра.
Според анализите на специјализираниот сајт „ЦИЕС“, вкупната вредност на играчите од англиската репрезентација изнесува 1,5 милијарди евра, додека Французите вредат 1,34 милијарди евра.
Новата англиска ѕвезда, Џуд Белингем според оваа анализа е проценет на 202 милиони евра, со тоа е највреден не само меѓу двете селекции, туку воопшто на светот. Блиску зад него е бисерот на Манчестер Сити, Фил Фоден со вредност од 200 милиони евра. Највреден Французин разбирливо е Килијан Мбапе, неговата вредност се проценува на 185 милиони евра.
Франција како бранител на тронот е благ фаворит на овој натпревар, но коефициентите во обложувалниците се прилично изедначени.
Дидие Дешам ќе може да смета на сите свои играчи освен на оние кои се повредија на почетокот, Бензема пред да почне турнирот и Лукас Ернандез во првиот натпревар. Проблеми со повреди нема ниту Герет Саутгејт, во составот на Англија ќе недостасува само Бен Вајт кој ја напушти репрезентацијата поради недоразбирања со стручниот штаб.
Денеска на СП:
16:00 Мароко – Португалија
20:00 Англија – Франција