Тридневната штафета на Олимпискиот факел на Зимските игри во Пекинг започна кога Луо Џихуан, поранешен натпреварувач во брзо лизгање, го зеде пламенот во првата етапа.
Штафетата беше намалена на три дена поради пандемијата на коронавирус, а факелот ќе се носи низ три олимписки зони, почнувајќи од центарот на Пекинг, пред да се упати кон округот Јанкинг и на крајот до Џангџиаку во соседната провинција Хебеи.
“Никогаш не сум учествувал на Зимските олимписки игри и се надевав дека мојата земја ќе биде домаќин. За тој сон сонував речиси 60 години, а денес ми се оствари. Многу сум среќен”, изјави Луо.
Организацијата на Игрите која започнува на 4 февруари е слична на Игрите минатото лето во Токио поради пандемијата. Само избраните гледачи ќе можат да ги следат натпреварите во живо, а спортистите, членовите на тимот, официјалните лица и новинарите ќе мора да бидат во просторот поставен за да се спречи контакт и ширење на коронавирусот.
Пекинг, кој има 20 милиони жители, денеска пријави само два нови случаи на коронавирус. Воведени се строги правила за заштита, кои вклучуваат локдаун и масовно тестирање.
Меѓу 135-те луѓе кои ќе го носат факелот се и поранешниот астронаут Кин Хаипенг и поранешниот НБА кошаркар Јао Минг.