Германката Клаудија Пехштајн стана најстарата жена која се натпреварувала на Зимските олимписки игри.
49-годишната брзо лизгачка се натпреваруваше во трката на 3.000 метри на Зимските олимписки игри во Пекинг, со што стана само вториот спортист и првата жена која осум пати се натпреварувала на Зимските олимписки игри.
Пехштајн, која освои девет олимписки медали во кариерата, се изедначи со јапонскиот ски-скокач Нориаки Касаи по бројот на настапи на Зимските олимписки игри.
Германката, која ќе наполни 50 години два дена по Игрите во Пекинг, денешната трка ја заврши за четири минути и 17,16 секунди, што е речиси 20 секунди побавно од олимпискиот рекорд (3:57,70), кој сè уште го поседува од Игрите во Солт Лејк Сити во 2002 г.
Таа ги освои своите први медали на Игрите во Лилехамер во 1994 година.