Темпераментниот австралиски тенисер Ник Киргиос изјави дека бил подготвен за пресметка со тренерот на хрватската двојка Никола Мектиќ / Мате Павиќ по мечот од 2. коло на неодамнешниот Австралија опен, но бил спречен од неговиот партнер Танаси Кокинакис.
Австралиското дуо ја победи најдобрата светска двојка со 7:6 (8), 6:3, но доста тензично беше после тој меч. По натпреварот, Павиќ се пожали на новинарите и на некои од локалните навивачи.
– Очигледно е дека навиваат за Австралијците, но нема да им наштети да покажат почит кон ривалите и другите играчи – изјави тогаш Сплиќанецот.
Приказната еден ден подоцна на социјалните мрежи ја продолжи Киргиос.
„Само да ве известам, по вчерашниот натпревар во двојки, ривалскиот тренер ми се закани дека ќе ме тепа во теретана. И сето тоа затоа што ги погодив со тениско топче“, напиша Киргиос, на што неговиот партнер Кокинакис одговори:
,,Oва е лудо , мислеа дека се во УФЦ ”
Киргиос и Кокинакис, пак, го освоија турнирот, а „лошото момче“ на светскиот тенис деновиве повторно се врати на споменатиот инцидент. Говорејќи во радио емисијата Jackie O Show, тој рече:
– Бев подготвен да се борам, тој тип се закани дека ќе ме удри. Беше доста бурно, но Танаси ме смири.
Само учесниците во овој инцидент знаат што навистина се случило во теретана, а според верзијата на Киргиос, за сè е виновен еден од тренерите на хрватскиот пар.
– Беше апсурдно, тренерот ми се внесе во лице и врескаше по мене. Но, Танаси беше смирувачки фактор – додаде Киргиос.