Ракометарите на Струга во рамките од 18. коло од Супер лигата беа подобри од Прилеп со еден гол разлика, 22:21. Натпреварот донесе многу возбудувања, главно во последните десет минути кога двете екипи влегоа со подеднакви шанси за освојување на бодовите.

Почетокот на средбата мина во израмнета борба и до 10. минута се играше гол за гол. По 2:2, избраниците на Горан Кузманоски со погодоците на Шокоски и Андоноски се одлепија на плус два, 4:2. Прилепчани во неколку наврати пропуштија шанса да дојдат до плус три позитива, па така домашната екипа резултатски се доближи намалувајќи на минус еден, 3:4.

Во следниот период се зголемуваа техничките грешки кај двете екипи, причина поради која имаше неизвесност на теренот. Прилеп имаше водство од 5:3 и 5:4, но ракометарите на Наум Танески се вратија во игра и израмнија на 5:5. Гостите од Прилеп, главно преку Шокоски ја одржуваа својата позитива, која на десетина минути пред крајот на првиот дел беше плус два гола разлика, 8:6.

Како на почетокот, така и во завршниот дел од првото полувреме дојде до пад во играта кај составот на Прилеп. Екипата на Струга со првиот гол на Цветаноски во 22. минута израмни на 8:8, а минута подоцна истиот ракометар постигна гол за водство на Стружани од 9:8. Во последните пет минути од првото полувреме, домаќините повторно направија пресврт и со серија од 3:0 стигнаа до 12:10 на полувреме.

Второто полувреме започна со голот на ракометарот од Прилеп, Гичев, а на спротивната страна ефикасен беше Барјактаревиќ за повторно водство на домашната екипа од 13:11. Струга во 35. минута дојде до највисоко водство од плус три, 14:11 најавувајќи голема борба за бодовите.

Кризниот период во екипата на Прилеп сѐ уште траеше. Струга при водство од 15:12 во три ситуации не успеа да го зголеми водството на највисоки четири гола позитива. По одличната игра на домаќините, следуваше мал блесок на гостинската екипа. Шокоски во 45. минута донесе изедначување на резултатот, 15:15.

На серијата од 3:0 на Прилеп, Струга возврати со два гола во низа за 17:15. Во последните десет минути од натпреварот се влезе во интересен и неизвесен финиш. На седум минути пред крајот, резултатот гласеше 19:18 за Струга. Гичев со својот четврти гол го изедначи резултатот на 19:19 во 54. минута. При нерешен резултат од 20:20, Чантурија промаши од контра, а потоа Барјактаревиќ беше успешен за 21:20.

По нерешениот резултат од 21:21, ракометарот од редовите на Струга, Јанкуловски со гол од пенал во последните петнаесетина секунди донесе големо водство за својата екипа од 22:21. Прилеп во последните десет секунди не успеа да постигне гол. Тоа значеше голема радост во редовите на домашната клупа.