Хрватската ѕвезда Иван Ракитиќ пропушти голема шанса да ја однесе Севилја на само бод од лидерот Реал Мадрид и да му направи дополнителен притисок во трката за титула на „кралскиот клуб“, откако вечерва промаши пенал за победа во Памплона во 94-та минута, па Андалузијците освоија само бод во ремито без голови. Во судиското надополнување на Севилја и се пружи шанса да оствари триумф и уште повеќе да му се доближи на главниот ривал во трката за титула, но Ракитиќ го промаши ударот од белата точка и голманот на Осасуна, Серхио Херера му го одбрани, па на ремито најмногу се израдува Реал, кој сега може да избега повторно на шест бода пред Севилја.
Очекувано Севилја цел меч диктираше темпо, бараше начин како да дојде до гол, но Памплона секогаш била тврда за освојување и на крај Андалузијците си заминуваат само со бод. Осасуна со овој бод сега има 29 на контото и е 13-то пласирана, додека Севилја стигна до 47 бода и е на второто место.