Сѐ изгледаше дека Камерун со дебакл ќе извиси и за бронза откако до 49-та минута Буркина Фасо имаше убедливи 3-0, а со два гола предност влегоа во завршните пет минути од мечот, но до крајот Камерун успеа да стигне до израмнување и потоа во пенал рулетот, сите пет изведувачи да погодат, а само Туре кај Буркина Фасо да промаши во третата серија за победа на Камерун.
Јаго даде гол за водство во 24-та, а камерунскиот голман Андре Онана си даде автогол на две минути пред паузата, па Отара четири минути по стартот на вториот дел погоди и третпат за Буркина Фасо. Баокен на 18 минути пред крајот го даде првиот гол за Камерун и до 85-та минута беше само почесен гол, а никој не веруваше дека домаќинот ќе може да се спаси, па потоа Винсент Абубакар стапи на сцена со два гола за 120 секунди за израмнување.
Камерун испадна во полуфиналето од Египет на пенали после два часа меч без голови, кога домаќините успеаа да погодат само еднаш од четири шута од белата точка.
Утре е големото финале и пресметката на најтрофејниот Египет (седум титули од девет финалиња) и Сенегал (две загубени финалиња), а оваа пресметка е дуел на двајцата соиграчи од Ливерпул – Мохамед Салах против Садио Мане.