Фудбалерите на Црвена Звезда обезбедија пласман во финалето на Купот на Србија, откако со 2-0 го совладаа вечниот ривал Партизан. Дуелот на „Маракана“ беше решен со два голови за само три минути, а потоа „црвено-белите“ рутински ја завршија работата и стигнаа до победата.
Првата закана во дуелот ја имаше Јунг Јун Гох, чиј удар го одбрани голманот Глазер. Течеше 27. минута кога Петер Олаинка го отвори резултатот. Нигерискиот напаѓач доби топка од Хванг, и од втор обид го матира противничкиот чувар на мрежата на Партизан за водство од 1-0. Само три минути подоцна повторно Олаинка се радуваше на гол. Мијаиловиќ го забележа осамениот Нигериец на втората статива, му нафрли, а овој рутински погоди за удвојување на предноста.
Партизан во продолжението од натпреварот повеќе ја имаше топката, меѓутоа не успеа да креира премногу шанси со кои би ја загрозил предноста на противникот. „Црвено-белите“ го зачуваа водството и не му оставија шанса на противникот да се надева на враќање во мечот.
Во мечот за трофејот во Купот екипата на Црвена Звезда ќе има пресметка со Војводина на 22 мај.