Аталанта се пласира во финале на италијанскиот куп откако во Бергамо го свртеа двомечот против Фиорентина и славеа со 4-1 (1-0). Првиот меч во Фиренца заврши со минимална победа на домашниот тим.
Само осум минути им беа потребни на домашните фудбалери да ја анулираат предноста на „Виола“. Теун Копмајнерс погоди за предност на Аталанта од 1-0, а потоа имаше и еден поништен гол на Скамака. Веројатно клучниот момент се случи на стартот на второто полувреме кога црвен картон доби стоперот на Фиорентина, Никола Миленковиќ. И покрај тоа гостите во Бергамо успеаја да направат подвиг и да израмнат со голот на Мартинез Кварта во 68. минута (1-1).
Гасперини со серија измени успеа да воспостави контрола и Аталанта почна да притиска. Тоа резултираше со гол на Џанлука Скамака за 2-1 во 75. минута, меѓутоа и уште неколку шанси. Аталанта сакаше да избегне продолженија, а Фиорентина грчевито се бранеше. Отпорот пукна длабоко во судиското продолжение. Адемола Лукман погоди за 3-1 во петтата дополнителна минута, па иако прво голот беше поништен, ВАР собата утврди дека нема офсајд. Во последните секунди од натпреварот конечните 4-1 ги постави Марио Пашалиќ кој погоди во контра напад.
Во финалето на Купот екипата на Аталанта ќе се судри со Јувентус кој го доби двомечот со Лацио.