Чуамени, кој според последните најави е многу близу да го засили Реал Мадрид со два гола ја продолжи неверојатната победничка серија на Монако, кој со 2-1 славеше на гости кај ланскиот првак Лил и дојде до осмиот триумф во низа за да се искачи и до второто место во Лига 1 во трката за директен пласман во ЛШ.
Орелиан Чуамени три минути пред полувремето ја најави, а 15 минути пред крајот ја обезбеди многу важната победа за „кнезовите“ во повеќе од едно ипол месечната неверојатна форма во која нема ривал засега кој успева да им ја запре победничката низа.
Ангел Гомеш во 69-та минута израмни, но само шест минути траеше радоста на Лил, кој веќе сигурно во идната сезона нема да игра во Европа зашто до 51 бод на две кола до крајот веќе има недостижни девет бода од петтата позиција на која е Ница.
Монако сега со 65 бода го прескокна Марсеј, а има три пред Рен, но двата ривали се со меч помалку и до крајот „кнезовите“ ги чекаат пресметки со Брест дома и со Ланс на гости. Викендов, Марсеј гостува кај давеникот Лориен, додека Рен оди на мегдан во Нант.