Манчестер јунајтед триумфираше против Астон вила со 4-2 и обезбеди осминафинале во Лига купот, а исто така тренерот Ерик Тен Хаг му се реваншира на Унај Емери за поразот пред четири дена во англиската Премиерлига.
По мирното прво полувреме во кое повеќе имаше надмудрување, отколку реални шанси, следеше доминација на „црвените ѓаволи“ во вторите 45 минути, кога всушност беа постигнати сите шест погодоци.
Астон вила постигна гол преку Воткинс во 48. минута за предност од 1-0, а радоста им траеше една минута затоа што Ентони Марсијал израмни на 1-1. Гостите од Бирмингем повторно стигнаа до предност во 61. минута поради автоголот на Далот, кој се обиди да расчисти, но сепак ја погоди сопствената мрежа.
Маркус Рашфорд ги врати „ѓаволите“ во игра во 67. минута кога ја испрати топката во мрежата на гостите за 2-2, а Бруно Фернандеш во 78. минута погоди за пресврт (3-2) откако неговиот удар го измами голманот Робин Олсен, додека триумфот на домаќините го запечати Скот Мек Томинеј (4-2) во судиското надополнување.