Навивачите на Црвена звезда му приредија непријателски пречек на новиот тренер на ватерполо клубот Мирко Вичевиќ. Ватерполистите на Звезда го совладаа Шабац со 13:6 во српската Суперлига, а од трибините жестоко беше навредуван црногорскиот стручњак од хрватска националност Вичевиќ.
„Шиптар, Хрват, Балија, тие не ми се браќа“, беше развиен транспарентот, а имаше и скандирање на навивачите на Звезда за воениот злосторник Ратко Младиќ за време на натпреварот.
Вичевиќ е најтрофејниот црногорски ватерполист на сите времиња и член на Куќата на славните. Како играч, тој беше олимписки шампион во 1988 година со Југославија. Беше и селектор на Катар и на јуниорската репрезентација на Црна Гора. Тој пред две недели беше избран за тренер на Звезда.