Словенечките ски-скокачи Ника Крижнар, Тими Зајц, Урша Богатај и Петер Превц испишаа историја и победија во премиерниот натпревар на мешани екипи на Зимските олимписки игри во Пекинг, но олимписката премиера ја одбележа хаос и дисквалификација на дури пет скокачи.
Двете норвешки скокачки, сребрената Катарина Алтхаус од Германија, Сара Таканаши од Јапонија и Даниела Ирашко Столц од Австрија, беа дисквалификувани, а сите тие ги прекршија строгите правила на поврзување на костимите и скиите со телесната тежина во обид да се елиминира секоја предност што може да се добие ако спортистите се полесни.
“Костимот на Катарина беше наводно преголем. За мене тоа е куклен театар. Цела сезона оделата беа проблем. Неверојатно сум лут и не го разбирам тоа, имавме одлични скокови, се беше одлично, можете едноставно да се разочарате со ова“, рече селекторот на германската репрезентација Стефан Хорнгахер.
Во такви околности, во кои главните кандидати за медал всушност останаа без бодови за еден скок, Русите стигнаа до историскиот медал и среброто, а Канаѓаните до вистинската сензација и бронзата.
Словенците победија со неверојатно водство од 111,2 поени во однос на Русија, додека Канада заостануваше 156,9 поени зад Словенија и тоа во нормални услови би било доволно за можеби седмо или осмо место, а не за медал на кој не се надеваа канадските претставници ни во најлудите соништа.
Словенија по три натпревари во ски скокови освои два златни медали, а Урша Богатај е првото име на Зимските олимписки игри со два од најсветлите медали досега.
Резултатите:
1. Словенија 1001,5 (506,4 + 495,1)
(Кризнар, Зајц, Богатај, П. Превц)
2. Русија 890,3 (448,8 + 441,5)
(Махинија, Садреев, Аввакумова, Климов)
3. Канада 844,6 (415,4 + 429,2)
(Лутит, Соукуп, Страте, Бојд-Клоус)
4. Јапонија 836,3 (359,9 + 476,4)
(Таканаши, Сато, Ј. Ито, Р. Кобајаши)
5. Австрија 818,0 (370,7 + 447,3)
(Ирашко Столц, Крафт, Едер, Фетнер)
6. Полска 763,2 (386,1 + 377,1)
(Кондерла, Кубачки, Рајда, Штох)
7. Чешка 722,8 (362,5 + 360,3)
(Улрихова, Козишек, Индрачкова, Куделка)
8. Норвешка 707,9 (457,4 + 250,5)
(Стрем, Јохансон, Опсет, Линдвик)
9. Германија 350,9 (350,9)
(Фридај, Шмид, Алтхаус, Гајгер)
10. Кина 229,8 (229,8)
(Донг Бинг, Сонг Киву, Пенг Кингјуе, Жао Џиавен)