Атлетик Билбао потврди дека е во одлична форма после вечерашната победа со 2-1 против Еспањол за десет бода во последните четири кола (три победи и реми), како надополнување и на полуфиналето во Купот со елиминациите на Барса и Реал Мадрид во серија, па баскиската гордост се врати во трка за место во Лигата на шампионите.
Единаесет минути им требаа на Баскијците за да направат вечерва пресврт на „Сан Мамеш“ откако многу рано се најдоа во негатива после голот што Тони Вилхена го даде за водство на Еспањол во 3-та минута, па Оихан Санцет во петтата и Иниго Мартинез во 16-та погодија двапати за водство на Атлетик и до крај резултатот не се промени, а во Билбао се славеше нов триумф.
Осмата победа на Атлетик сега го донесе до 34 бода на контото на осмата позиција, но само четири зад Барселона, која е четврта и последна на позициите за Лигата на шампионите. Еспањол, пак, со десеттиот пораз сезонава остана на 27 бода и со лош период од три порази на последните четири меча, како 13-то пласиран.