Олимписките комитети на БиХ и на Шпанија во Пекинг, каде се одржуваат годинешните ЗОИ, веќе го имале првиот состанок за заедничката кандидатура и постигнале начелна согласност, која допрва ќе треба да се разработи како конкретна кандидатура, а најмногу зависи од изработка на предлог буџет од страна на Босанците за обнова и изградба на потребната спортска инфраструктура во Сараево, откако старата од ЗОИ 1984 беше комплетно разрушена во крвавата војна во 90-те при распадот на Југославија.
„Овој состанок ја донесе таа идеја за заедничка кандидатура Барселона – Сараево за ЗОИ 2030, но сето ова е идеја, а за да се претвори во предлог во следниот период ќе се одржат состаноци помеѓу заинтересираните страни, а Сараево треба да подготви предлог буџет за реконструкција и изградба на борилишта“, објави олимпискиот комитет на БиХ.
Според најавите, Сараево ќе треба да ја реновира боб-патеката, да изгради или да ги реновира скокалниците, како и стазите за нордиска комбинација. За идната недела е закажан состанок во Мадрид, а во март делегација на Шпанија ќе дојде во Сараево. Договорено е дел од трошоците за изградба на инфраструктурата да ги покрие и шпанскиот олимписки комитет.
Сараево беше домаќин на ЗОИ во 1984 година, додека Барселона беше домаќин на ЛОИ во 1992 година.