Бруклин нетс требаше да биде фаворит за освојување на шампионската титула во НБА-лигата, но таквите најави најверојатно нема да се реализираат бидејќи екипата игра ужасно, а сега почна и да се распаѓa откако еден од најдобрите кошаркари во најсилната кошаркарска лига, Џејмс Харден си замина и потпиша за Филаделфија.
Харден немал добар однос со дел од кошаркарите, меѓу кои е и Кајри Ирвинг. Одличниот кошаркар, кој игра само на гостински терен затоа што одбива да се вакцинира, не се противел на заминувањето на „брадата“ од Бруклин, а американските новинари потсетија на една ситуација која го убедила поранешниот ас на Хјустон да си ја побара среќата на друго место.
Американците откриваат дека Харден уште во јануари имал ситуација со Ирвинг поради која ги уништил целосно односите, а тоа се случило во Кливленд на почетокот на црната серија од девет порази на тимот, која сè уште трае.
„Според зборовите на тие кои беа во соблекувалната, бесниот Харден седнал и го следел однесувањето на Ирвинг. Популарниот НБА-кошаркар бил лут поради настапот на неговиот колега и од тој момент не може повеќе да ги поправи односите со Кајри, а воедно разбрал дека нема шанси да ја освои титулата со овој ѕвезден тим“, пишува „Атлетик“.
„Тимот од соништата“ делува далеку од екипа која е подготвена за таков подвиг бидејќи во моментов Кевин Дурант има повреда на коленото и не игра речиси еден месец, Ирвинг повеќе седи дома, отколку што е на теренот, па затоа Харден процени дека е вистинско време да избега од Бруклин.
Многумина сметаа дека оваа екипа на Бруклин ќе доминира долго на паркетите во НБА-лигата, меѓутоа таа се распадна побрзо отколку што некој можеше да си замисли, посебно по најавите пред сезоната дека не постои конкуренција за оваа екипа исполнета со многу ѕвезди.