Лос Анџелес лејкерс и без Леброн Џејмс одигра одличен меч. Лејкерси на свој терен го совладаа актуелниот првак Голден стејт, во чии редови се врати Стеф Кари, па гостите беа фаворити за триумф.
Голден стејт поведе со 5:2, а потоа следуваше шоу на домаќините, па во еден момент од првата четвртина на семафорот резултатот беше 32:12. Воините до полувремето успеаја да се вратат во игра и по првото полувреме, резултатот беше 55:54 за домаќинот. Голден стејт успеа и да израмни на 57:57, но веднаш потоа следуваше серија од 10:0 и ново двоцифрено водство на Лејкерс. Во последната четвртина, домаќините постојано имаа контрола на резултатот, па иако ниеднаш немаа предност поголема од девет разлика, на крајот стигнаа до посакуваниот триумф.
Дејвис со 39 поени, осум скока и шест асистенции беше лидер на домашниот тим, додека кај гостите Кари постигна 27 поени, а Томпсон додаде 22 поени.
Во најнеизвесниот меч кој се одигра ноќеска, Њујорк на гости по две продолженија славеше против Бостон со 131:129. Имануел Квикли на теренот помина 55 минути, во кои постигна 38 поени, предводејќи го Њујорк до деветтата победа по ред. Кај гостите одлични беа и Рендл со 31 поен и Барет, со 29 поени.
Резултати: Лос Анџелес лејкерс – Голден стејт 113:105, Бруклин – Шарлот 102:86, Орландо – Портланд 119:122, Хјустон – Сан Антонио 142:110, Оклахома – Јута 129:119, Бостон – Њујорк 129:131 по две продолженија, Вашингтон – Милвоки 117:135, Лос Анџелес клиперс – Мемфис 135:129.