Македонскиот првак Вардар ја дочека својата одмазда против Еурофарм Пелистер 2 и го совлада со 32-20, па така ги израмни сметките за шокантниот пораз во октомври минатата година со 26-27.

Екипата на тренерот Давид Дејвис уште на почетокот тргна фуриозно во мечот, па по серија од пет голови стигна до 9-3. Тимот од Битола се обидуваше да се врати во игра, меѓутоа „црвено-црните“ беа одлични во одбраната, но и нападот, па на полувреме заминаа со 19-11.

Пелистерци во вторите 30 минути немаа сила за сензационален пресврт, па без многу возбудувања Вардар го зголемуваше водството, кое на крајот достигна +12 (32-20).

Најдобар стрелец кај Вардар беше Тимур Дибиров со седум голови, додека Оливие Њокас и Куни Моралес погодија по четири пати. Кај противникот најефикасни беа Павле Петровиќ и ФИлип Арсеновиќ со по четири гола.

„Црвено-црните“ следниот предизвик го имаат в среда, кога играат против Монпелје во Лигата на шампиони, а два дена подоцна следи меч против Нексе во СЕХА-лигата.