Драгоцените три бода ги донесе Фабињо со голот во 40. минута, што се покажа и како конечен резултат. Многумина очекуваа далеку поефикасна игра на „црвените“, пред се поради враќањето на Салах и Мане во првиот тим, но заморот по настапот на Африканскиот куп придонесе тие да не бидат голгетерски расположени. Барнли во првото полувреме имаше неколку можности да постигне гол, но не ги искористи, додека во второто немаше сили да го изненади фаворитот.

 

Тотенхем, пак, втор меч по ред губи на домашен терен, овој пат во пресметката со Вулверхамптон (0-2). Гостите средбата ја почнаа фуриозно и уште пред дваесетата минута ги постигнаа двата погодоци, преку Хименез во шестата и Дендонкер во 18. минута, што се покажа доволно за изненадување во Лондон.

 

Њукасл полека излегува од опасната зона, откако победи втор натпревар по ред, овој пат минимално против Астон Вила (1-0). Овој тим сега е прв над линијата за испаѓање и тоа со четири бода повеќе од Норич, кој има и меч повеќе. Ливерпул остана на минус девет во однос на „граѓаните“ со средба помалку, додека Тотенхем е се подалеку од местата кои водат во Европа.