Најдобриот светски фудбалер Лионел Меси доби одмор на натпреварот против Монтреал, а тоа лошо се одрази по неговиот тим Интер Мајами.

Тимот од Флорида на домашен терен загуби со 2-3, но освен тоа што не играше Меси, во стартната постава не беа ни Луис Суарез, ни Серхио Бускетс кои влегоа подоцна, во второто полувреме. Од поранешните ѕвезди на Барселона, само Жорди Алба ги одигра сите 90 минути, па дури и го постигна вториот гол за својот тим. Очигледно на тренерот Тата Мартино му требаат одморени главните играчи за реванш дуелот против Нешвил во рамките на КОНКАКАФ Лигата на шампионите, кој се игра в среда навечер.

Што се однесува до натпреварот, водечкиот гол го даде Алварез за Монтреал во 13. минута. Кампања успеа да израмни во 71. меѓутоа во наредните седум минути Монтреал даде уште два голови преку Кокаро и Сунуси.

До крајот на мечот Интер Мајами се обиде да се врати резултатски, во пресрет на завршницата стрелец беше Жорди Алба за 2-3. Следеше притисок на домаќинот, меѓутоа немаше доволно време за целосен кам-бек.

 

Со седум бода, Интер Мајами се наоѓа на првото место во Источната конференција, но има најмногу одиграни натпревари од сите екипи – 4.