Фудбалерите на Германија до 21 година уште ги разочараа своите навивачи, загубија од Чешка (1-2) во рамки на второто коло и може да останат без нокаут-фаза на ЕП во Грузија и Романија.
„Панцерите“ во првата рунда одиграа реми со Израел, па доживеаја болен пораз и ќе мора да бараат бодови со главниот фаворит Англија за да преживеат. Чесите водеа од 33. минута со голот на Шејк, а откако во 70. минута Штилер израмни на 1-1, трите златни бода за Чешка ги донесе Витик на три минути пред крајот.
Од оваа група, Англија се пласира во нокаут-фазата со сигурна победа над Израел (2-0). Резултатот на „гордиот албион“ го отвори Гордон во 16. минута, а точка на триумфот стави Смит-Роу кој игра одлично ЕП со погодок во 68. минута.
Италијанците останаа „живи“ со победа над Швајцарија (3-2). „Аѕурите“ имаа предност од 3-0 преку Пирола, Гњонто и Париси во првиот дел, а ривалот се врати во мечот преку Имери и Амдуни во 47. и 52. минута, но не успеа да стигне барем до бод. Ситуацијата во групата Д е крајно изедначена, три селекции имаат по три бода, тоа се Франција, Италија и Швајцарија.
Французите играат со Норвешка, ако Норвежаните победат, за нокаут-рунда ќе играат сите селекции.